ПРИЈАТЕЛИ 
SEXTURES БЛОГ 
Tuesday, 23 November 2010
Или за потребата за делегитимирање на провинциски и едноумни системи за произведување “вистини” за сексуалноста

Повод за мојов блог е целата оправдана прашина која се крена со критиката на Ирена Цветковиќ на учебникот “Педагогија” од авторките Марија Костова, Анета Бараковска и Ели Маказлиева, објавен од “Просветно дело” во 2005, во врска со нивниот начин на претставување на сексуалноста, посебно на хомосексуалноста и лезбејството како “опачини” на “правилниот” сексуален нагон, а  хомосексуално ориентираните лица ги карактеризира како многу “невротични” и “психотични” личности (стр. 203). Ирена Цветковиќ во својата критика на оваквата патологизација на хомосексуалноста и хомосексуалците на авторките им побара да поднесат некаков  доказ од скорешни научни истражувања објавени во престижни меѓународни научни списанија, научни конгреси или пак валидирани од најрелевантните меѓународни и реномирани професионални асоцијации како Светската здравствена организација, Американското здружение на психијатри, и многу други. Поедноставно кажано, Цветковиќ ги праша авторките на учебникот како знаат дека хомосексуалноста, лезбејството и личности со оваква ориентација се тоа што авторките тврдат дека се. Ова е најстандардна академска процедура на методолошка и епистемолошка валидација. За ова Цветковиќ заработи приватна тужба за “клевета”. (Еве овде ги приложувам линковите за текстовите на Цветковиќ во "Окно" и "Дневник", а и скен од спорното поглавје во горенаведениот учебник за оние што сакаат подетално да се информираат за што станува збор. Однапред се извинувам за квалитетот на скенот, но така ми беше испратен од колега во Македонија.)
 
Гротескна, но трагична и крајно опасна, е ситуацијата, како што веќе претходно забележа Катерина Колозова во  "Дневник", кога она што треба да биде предмет на информирана јавна и академска дебата се сели во судска сала. На каков општествен научник, кој работи во едно наводно отворена, светско и европско интегрирана, демократска академска средина, му треба да ја валидира “вистината” за својот “научен” аргумент на суд? И кој е тој суд, посебно македонски во 2010, кој би бил компетентен да праведно пресече помеѓу тезите на наведените авторки и критиките на Ирена Цветковиќ на тие исти тези и да пресуди дека ете ставовите на Цветковиќ, што се нејзино стручно мислење, се “клевета”? Еве и да можеме да замислиме крајно демократски и фер македонски суд, на кои системи на вредности, етички и професионални, на кои философски системи и истражувачки/академски и правни традиции, на кои “здрави разуми” и “експерти” ќе се повика тому таквиот суд за да пресуди што е “вистината”, и кој навистина знае, за сексуалноста, посебно за хомосексуалноста?
 
Бидејќи со приватната тужба за клевета, наведените авторки токму тоа го бараат од македонското судство. Како научен истражувач веќе цели 20 години работам на работ помеѓу антропoлогијата, социологијата, философијата, родовите студии и политичките науки барајќи ја “вистината” за сексуалноста и никако да ја најдам, бидејќи сексуалноста е извонредно комплексна и чуствителна тема.  
 
Она што предмет на жестока критика во написите на Цветковиќ е токму неподносливата леснотија и нечуствителност со која авторките изнесуваат крајно паушални, тенденциозни, непоткрепени и веќе одамна научно дискредитирани ставови за хомосексуалноста, други сексуални пракси и субјективитети, како “негативни општествени појави” и “опачини”. Авторките се толку инвестирани во хетеронормативната приказна за “правилниот” сексуален развој кој води кон хетеросексуален брак и репродукција како единствен морален начин за продуктивно организирање на човековиот интимен живот, така да “заборавиле” да консултираат барем една научна статија или книга од илјадниците кои се објавени на многу светски јазици во последните 40 години со софистицирани аргументи спротиставени на ставовите на авторките. Дали ова игнорирање од страна на авторките на оваа веќе огромна научна литература е направено намерно или од не знаење, не сакам да шпекулирам. Но, она што е сигурно е дека ваков учебник без никакви меѓународно проверени референци и со едно вакво тотално арбитрарно и шпекулативно шематизирање на хомосексуалноста и лезбејството, во стилот на мешање жаби со баби, заедно со други општествени феномени како алкохолизмот, проституцијата, силувањето и наркоманијата не би поминал во една академска и научна средина со високо изградени етички, академски и професионални стандарди.

Дури и со најповршен поглед на библиографијата на спорното поглавје во учебникот (стр. 237-239) ќе видите воглавно прилично стари референци во областа на педагогијата и тоа само објавени на македонски, српски, хрватски и бугарски јазик. Нема ниту една, нова или стара, референца за статија или книга објавена на англиски или други светски јазици, како да воопшто не е важно што научната и професионалната заедница од психолози, социолози, антрополози, философи, културолози, педагози, лингвисти, психијатри и многу други надвор од Балканот мисли по ова прашање. Иако веќе на Балканот се создава критичка маса на  релативно млади истражувачи образовани и изверзирани во новите феминистички, деконструктивни, историски (фукоовски генеалогии и археологии на знаења), постструктуралистички, постколонијални и квир теоретски епистемологии, кои претставуваат сеопфатно преиспитување на традиционалните епистемологии со далекусежни последици во сите области на хуманистиката и општествените науки, Балканот ни оддалеку не е центарот на најсофистицираните истражувања во областа на сексуалноста. Сепак, има одлични истражувачи на сексуалноста кој работат на Балканот или потекнуваат од балкански земји, и кои авторките можеа да ги консултираат доколку беа заинтересирани да подготват една многу пообјективна и избалансирана слика за “вистината” за хомосексуалноста.    

Застарената и крајно селективна библиографија на крајот на поглавјето истотака остава впечаток, за неинформиран читател, на компетентно познавање на материјата за која зборуваат, иако дури и неинформиран читател не знае како референците се однесуваат на цитати во поглавјето, како на пр. на стр. 193 нешто е цитирано од некого, не знаеме од кого, бидејќи авторките не ни кажуваат од кого го земале цитатот, или пак како она што е кажано во текстот се однесува на она што е во библиографијата.  Нејсе, да ги оставиме настрана ваквите основни “технички” грешки во подгтовувањето на средношколски учебник, што по најдобрите светски и демократски стандарди би требало да биде концизна синтеза на сите клучни светски перспективи и научно-истражувачки резултати, со релевантна библиографија на научни трудови на оваа тема не постари од 20 години.
 
Корицата на учебникот го дефинира како “Педагогија за трета година на реформираното гимназиско образование”. Не знам за какво “реформирано гимназиско образование” станува збор со овој учебник. Реформирано од едноумието на претходниот образовен систем? Ни најмалку. Авторките во спорново поглавје не прават ни трунка напор да презентираат плурализам на ставови, стручни и научни аргументи во врска со приказните за “правилниот” сексуален развој и “изопачените” хомосексуалци.

Гимназијата како модел за средношколско образование и клучна подготовка за високошколско образование е втемелена во западниот свет врз традицијата на класичната либерална педагогија која го подгтовува средношколецот да размислува критично и со своја глава врз основа на солидно поткрепена аргументација. Во ерата на интернетот, демократизација на сексуалните односи и идентитети, и глобализација на информациите, не знам каква е вистинската педагошка функција на учебник кој крајно пристрасно и тенденциозно ги конструира оние што се сексуално поинакви како “негативци” и “изопачени” без да даде ист простор на спротивни ставови и научни аргументи, или пак да им даде прилика на овие што се вака конструирани да зборуваат сами за себе. Секој мотивиран средношколец со просечно познавање на англиски и вештини за пребарување на интернет може да најде тон информации и аргументи кои потполно им противречат на оние изнесени во спорниов учебник. Како ќе му ја објасните еволуцијата, на пр., на шпанското, холандското, француското, данското, британското или шведското општество во врска со нивниот третман на хомосексуалноста на ваквиот мотивиран македонски средношколец со вакви учебници? По логиката на авторките мнозинството на овие Европјани мора да се “извитоперени” и “швркнати” да имаат геј пријатели, да имаат екслицитни закони за заштита од дискриминација по основа на сексуална ориентација или да законски признаваат хомосексуални партнерски заедници или "дури" бракови. Таква е логиката на патологизација на се она што не се склопува со менталниот склоп, знаењето и моралниот код на  авторките. Наместо, објаснување, образување и демистификација на овие епохални општествени промени во цела западна Европа со која Македонија сака да се интегрира, македонскиот средношколец добива еден штур пасус како “педагошка” опомена постојано да внимава да не пројави некаков си “изопачен” полов нагон и да биде дијагнозиран експресно како “ненормален”, “невротичен” и “психотичен”, токму како оние “швркнати” (западни) Европејци со кои сакаме да се интегрираме.

“Внимавај дали си нормален?”

Е, токму со ова прашање, што фукционира како кантовски категоричен императив адресиран кон корисниците на спорниов учебник, доаѓаме до клучната поента на блогов, а тоа спрегата на структури на моќ и системите за произведување знаење и “вистини” во Македонија. Ако ние, сериозните научни истражувачи на сексуалноста, имаме било што научено од епистемолошката револуција потикната од деконструктивниот метод на Дерида, историскиот на Фуко, шизоанализата на Делез, теоријата на перформативот на Батлер, критичката психологија, анти-психијатријата на Ленг, Сас, Купер и Басаља (и многу други, нека ми простат што не можам да ги споменам овде), е дека “вистината” за било што, посебно за сексуалноста не е парче златна руда која чека да се откопа од “објективниот” рудар/истражувач. “Вистината” е едноставно производ на јазични игри подржани од структури на моќ, репресивни и идеолошки апарати на државата како полицијата, судството, школскиот систем, црквата, дел од медиумите и многу други.

Ако некој постојано ви труби дека лезбејките и хомосексуалците се “изопачени”, постојано ги опишува со погрдни и навредливи зборови по медиумите,  испраќа “спонтано собрани толпи” да ги истепаат во било која можна прилика, го читате истото во државни учебници, а кого некој ќе рече не е така, му се заканувате со судски тужби и огромни потенцијални глоби или дури затвор, нормално ќе бидете дисциплинирани да “верувате” дека ова е “вистината” за нив. Ваквите “научни” вистини немаат никаква друга функција ама да подмолно наметнат задолжителна  параноја и постојано немилосрдно самопреиспитување во стилот “Леле, дали сум нормален?” кај секого според аналитичките протоколи на веќе дискредитирани типови на тоталитарни психолошки и педагошки теории.

Секоја модерна форма на моќ, и модерните научни знаења (поточно речено научни идеологии посебно кога се работи за тнр. меки науки како психологија, социологија, педагогија, итн.) на кои се потпира, пројавува тоталитарни тенденции бидејќи се темели врз наметнување на арбитрарни норми кои го колонизираат секое најмало ќоше на “душата” и од кое многу тешко се бега. Оттаму сите во модерната доба се чуствуваме како да живееме во затвор, посебно оние кои од ваквите форми на “знаења” се ожигосани како “дегенеративци”, “изопачени”, “изроди”, итн. Фашизмот и Комунизмот се екстремни материјализации на модерни форми на моќ. Култивирањето на демократска мисла и наука бара епистемолошка и етичка будност од сите произведувачи на знаења за да го контролираат она што Делез го нарекува “малиот протo-фашист во сите нас” (“Како го произведувам ова знење?, На каква форма на моќ му служи моето знаење?, Дали повикувам на насилство и омраза спрема оние кои ги стигматизирам како ненормални со моето знаење?”, итн).
 
Сигурен сум дека овој, а и многу други “реформирани” македонски средношколски учебници ќе бидат предмет на опсежни компаративни домашни и меѓународни критики и анализи од многубројни епистемолошки и дисциплинарни перспективи за начинот на кои ги претставуваат сексуалноста, “нормалноста”, “менталното здравје” и “моралноста”. Богатството и разлноличноста на животот воопшто, а посебно на она што во последниве 150 години го нарекуваме “сексуалност”, не може да се сведе на неколку традиционални општествени конвенции, норми или “научни” теории.

Да го парафразирам Ниче како заклучок овде, една провинциска и конзервативна моралност која авторките на спорниов учебник ја преоблекуваат како “научно базирана педагогија”, и патологизирачкиот речник кој го користат да ги опишат хомосексуалците, не се никакви универзални системи на апсолутни вистини и вредности, ама се оружја во игра на моќ во еден конкретен историски период и општествено-политичка формација во која една група на луѓе угнетува друга користејќи ги горенаведените средства.
 
Ако било што научивме од Фуко и генерации на истражувачи по него е дeка хомосексуалноста како посебен “изопачен” психолошки тип е чиста измислица на една многу млада и искомплексирана 19 вековна психологија која се обидува да го воспостави својот научен авторитет и кредибилитет по урнекот на тнр. тврди науки како физиката, хемијата, итн., измислувајќи се и секакви шпекулативни шеми за “објективно” класифицирање на однесувањето и психата на луѓето и на овој начин да го урне тогашниот монопол на Црквата врз прашањата за “душата” токму позајмувајќи ги нејзините предрасуди за хомоеротиката, а кои успева да ги спакува како “психолошка патологија”. За оние упатените и информираните знаат за што зборувам, за другите кои сакаат да се информираат, посебно оние што претендираат да даваат “авторитетни” ставови за хомосексуалноста, нека ја прочитаат Фукоовата “Историја на сексуалноста” (во три тома), од кои првите два се веќе преведени на македонски. Како што вели Дејвид Халперин, психологијата, психијатријата, сексологијата и психоанализата ни оддалеку веќе не се единственото шоу во градот кога се работи за тоа како се разбира и прикажува хомосексуалноста во светот. Под постојаната критична лупа од новите епистемологии што ги споменав погоре, дури и многу конзервативни психолози, психијатри и психоаналитичари се многу повнимателни и поумерени во своите ставови и теории за хомосексуалноста.   

Улога на демократскиот интелектуалец е секогаш да има многу здрава доза на скептицизам кон било што се сервира како “научна” вистина, дури и кога тоа е направено толку невешто и неаргументирано како во случајов со овој учебник.


   
   
POSTED BY: Aлександар Ламбевски AT 06:49 pm   |  Permalink   |  0 Comments  |  E-mail this
Comments:

Post comment:
Name:
 *
Email Address:

Message: (max 750 characters)
*
Verify image below:
*
* Required Fields
Note: All comments are subject to approval. Your comment will not appear until it has been approved.

    A New Central and Eastern European Space for Sexualities in the Arts, Humanities and Social Sciences


    Copyright 2008-2012, Sextures: E-journal for Sexualities, Cultures and Politics